Што се матични клетки?

Што се матични клетки?

(Editor’s note: this is another in our series of stem cell outreach posts. This one provides key information on stem cells in Macedonian.)

Што се матични клетки?, Radica Schenck
Translator Radica Schenck.

Што се матични клетки?

Што се матични клетки? | Зошто се важни матичните клетки? | Видови на матични клетки | Што се иПМ клетки? | Иднината на терапиите со матичните клетки | Ризици | Библиографија

Матичните клетки се дефинираат како недиференцирани клетки кои може да се развијат во еден или повеќе видови на клетки.

Човечкото тело содржи стотици различни видови на клетки кои се важни за нашето секојдневно здравје. Тие клетки се одговорни за секојдневното функционирање на нашето тело, како на пример, кога срцето чука, мозокот мисли, бубрезите ја пречистуваат крвта, се заменуваат кожните клетки со нови кога старите ќе изумрат итн. Матичните клетки имаат своевидна задача да ги создадат сите овие други видови на клетки. Тие нѐ снабдуваат со нови клетки. Кога матичните клетки се делат, тие може да направат повеќе матични клетки или повеќе од другите видови на клетки. На пример, матичните клетки во кожата може да направат повеќе матични клетки или диференцирани кожни клетки кои имаат сопствени посебни задачи, како на пример, создавање на пигментот меланин.

Теорија на стареење на матичните клетки.

what are stem cells?
Невронални матични клетки обоени во Knoepfler Lab на UC Davis School of Medicine (лабораторијата на Кноепфлер на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Калифорнија Дејвис). Со црвена боја се неврони, со зелена боја се астроцити, со сина боја ДНК.

Зошто се важни матичните клетки?

Ако се повредиме или сме болни, исто така и нашите клетки ќе бидат повредени или убиени. Тогаш се активираат матичните клетки. Тие имаат задача да ги поправат нашите повредени ткива и да ги заменат другите клетки кога тие изумираат по рутински пат. На тој начин, нашите матичните клетки го одржуваат нашето здравје и спречуваат предвремено стареење. Матичните клетки се како сопствена армија на телото со микроскопски лекари.

Постојат многу различни форми на матични клетки. Научниците сметаат дека секој орган од нашето тело има свој специфичен вид на матични клетки. На пример, нашата крв се состои од крвни (исто така познати како хематопоетски) матични клетки. Меѓутоа, матичните клетки се присутни уште од најраните фази на човечкиот развој, па така, кога научниците ги одгледуваат овие клетки, тие се нарекуваат „ембрионални матични клетки“.

Веројатно е дека матичните клетки имаат улога во стареењето. Во мојата книга ја предлагам теоријата на стареење на матичните клетки. Од книгата е и илустрацијата на мојата студентка Тејлор Симаунт која е прикажана погоре.

Видови на матични клетки

Причината зошто кај научниците постои возбуденост во врска со ембрионалните матични клетки е во тоа што тие клетки имаат природна задача да го изградат секој орган и секое ткиво во телото во текот на човечкиот развој.

Тоа значи дека ембрионалните матични клетки, за разлика од матичните клетки на возрасниот организам, може да се насочат кон потенцијално формирање на речиси секој од другите стотици видови на човечки клетки.

На пример, додека крвната матична клетка може да создава само крв, ембрионалната матична клетка може да создава крв, коска, кожа, мозок итн.

Дополнително на тоа, ембрионалните матични клетки се програмирани да создаваат ткива па дури и органи, а матичните клетки на возрасниот организам тоа не го можат.

Тоа значи дека ембрионалните матични клетки имаат поголема природна способност да ги поправаат заболените органи.

Ембрионалните матични клетки се добиваат од преостанатите ембриони од третманите за вештачко оплодување, што биле стари само неколку дена, а биле создадени во петриев сад во лабораторија, и инаку би биле отстранети.

Тие ембриони имаат 100 или помалку клетки во случајот кај човечките ембрионални матични клетки.

Во поретки случаи, ембрионалните матични клетки може да се создадат со трансфер на клеточно јадро од соматска клетка.

Тој процес на „клонирање“ вклучува пренесување на јадрото од една клетка во друга.

Што се индуцирани плурипотентни матични клетки?

Кај научниците и лекарите постои возбуденост во врска со овој нов вид на матични клетки наречени индуцирани плурипотентни матични клетки (иПМК). Тоа е затоа што овие клетки ги имаат речиси истите својства како и ембрионалните матични клетки, но не се создаваат од ембриони. (Напомена: може да го погледнете видеото за сѐ што сакате да дознаете во врска ембрионалните матични клетки на нашиот канал на YouTube: https://www.youtube.com/watch?v=SDyO5roEB-o)

Од таа причина не постојат етички прашања во врска со индуцираните плурипотентни матични клетки. Покрај тоа, иПМК се создаваат од сопствените нематични клетки на пациентот, а тоа значи дека иПМК може да му се вратат на пациентот без ризик од одбивање од неговиот имунолошки систем, што е важна тема кај секоја трансплантација на матични клетки.

Иднината на терапиите со матичните клетки

Поради тоа што матичните клетки имаат природна задача да ги заменуваат болните или старите клетки, научниците добија идеја да ги користат матичните клетки за лекување на пациентите за многубројни заболувања. Притоа замислата е на болниот пациент да му дадеме матични клетки или диференцирани клетки создадени од матичните клетки, и со тоа да ја искористиме природната способност на матичните клетки за лекување и пациентот повторно да оздрави.

На пример, ако пациентот има срцев удар и добие трансплантација од матични клетки како терапија, нашата цел е тие трансплантирани матични клетки да го поправат оштетувањето на срцето. Природните популации на матични клетки што сите ние ги поседуваме имаат само ограничена способност да ги поправат нашите телесни повреди. Да се навратиме на примерот погоре: сопствените срцеви матични клетки не се дораснати на задачата да ги поправат оштетувањата од срцевиот удар, но трансплантацијата со милиони матични клетки би била далеку помоќна.

Матични клетки за срцеви заболувања или други состојби?

Со трансплантација на матични клетки значително се зајакнува способноста на телото за оздравување, што во голема мера ги надминува капацитетите на ограничениот број на природно присутни матични клетки. Сѐ уште гледам извесни предизвици кај терапиите со матични клетки пред да станат почеста и вообичаена пракса, вклучувајќи ја и безбедноста, имајќи предвид дека матичните клетки потенцијално можат да создадат тумори и реакција на одбивање од имунолошкиот систем. И покрај тоа, матичните клетки многу веројатно ќе ја трансформираат медицината и можеби за една или две децении повеќето од нас ќе познаваат некого што примил трансплантација со матични клетки, а можеби тоа ќе бидеме и ние лично.

Матичните клетки ветуваат третман на големите заболувања со кои луѓето се соочуваат, како на пример, рак, срцеви заболувања, Паркинсонова болест, мултиплекс склероза, мозочен удар, Хантингтонова болест, повреда на ‘рбетниот столб и многу други.

Ризици од матичните клетки

Засега постојат само неколку видови на транспланти со матични клетки за кои научниците докажале дека се и безбедни и ефикасни. Најдобриот пример е трансплантацијата на коскена срж. Меѓутоа, ширум светот постојат клиники што продаваат многу недокажани третмани со матични клетки. Често тие третмани добиваат многу внимание во медиумите. Најчесто таквите третмани ги купуваат познатите личности, како на пример, славните спортисти. Општо гледано, научниците и лекарите кои се стручни на полето на матичните клетки укажуваат на претпазливост кај таквите третмани. Зошто? Не е јасно дали тие третмани навистина функционираат и дали се безбедни. Има пациенти кои починале од тие третмани. И иако е разумно да се имаат предвид сите опции кога сте соочени со потенцијално неизлечива состојба или болест, ние препорачуваме да бидете претпазливи. За таквите третмани треба да се размислува само ако нема друго решение и само откако ќе разговарате со личниот лекар.

Агенцијата за храна и лекови на САД издаде предупредувања во врска со матичните клетки и вреди тие да се прочитаат.

Овој прилог е дел од нашиот проект за превод на информациите за матичните клетки „SCOPE stem cells not lost in translation project“. Целта е информирање и едукација на пошироката заедница. Посетете ја страницата за да дознаете повеќе за проектот и да прочитате и на други јазици. Страницата на англиски јазик ја ажурирав во 2022 година откако беа направени одделни преводи.

Библиографија

  1. Closer Look at Stem Cells  страница со ресурси од ISSCR
  2. Stem Cells: An Insider’s Guide, Paul Knoepfler, 2013.
  3. Essentials of Stem Cell Biology, Ed. Robert Lanza.
  4. Adult stem cells and regenerative medicine-a symposium report. 2020.
  5. FDA warning about stem cells.
  6. NIH resource page on stem cells.

This page provides core information on stem cells in Macedonian.

Translated from English by Radica Schenck

Leave a Reply